- 06.08.2026
ЈАВНОЗДРАВСТВЕНИ ПРЕПОРАКИ ЗА ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО УСЛОВИ НА ТОПЛОТЕН БРАН (ФАЗА 2)
Поради актуелниот топлотен бран и високите амбиентни температури, како и активираната Фаза 2 од Акцискиот план за превенција на последиците од топлотните бранови, Институтот за јавно здравје потсетува на важноста од доследно спроведување на мерките за заштита на работниците кои работат на отворено, но и во затворени простории изложени на високи температури.
Во согласност со мерките предвидени за активирана Фаза 2, акцентот е ставен на организациски и превентивни мерки за намалување на изложеноста на топлина и заштита на здравјето на вработените.
Работниците кои своите работни задачи ги извршуваат на отворено или во затворени простории со високи температури претставуваат една од најранливите категории. Под зголемен ризик се лицата изложени на директно сончево зрачење, висока амбиентна температура, топлинско зрачење или интензивен физички напор, при што доаѓа до значителна загуба на течности. Во оваа група спаѓаат, меѓу другото, градежните и комуналните работници, земјоделците, доставувачите, сообраќајната полиција, како и работниците во производствени погони, кујни, пекарници, леарници и други работни средини со високо топлинско оптоварување.
Со навремено планирање на работните активности и доследна примена на превентивните мерки, работодавачите и работниците можат значително да го намалат ризикот од заболувања и повреди поврзани со изложеноста на високи температури.
Препораки за работодавачите
- Да обезбедат соодветни услови за работа преку редовно одржување на системите за вентилација и климатизација, засенчување на работните простории каде што е можно, мерење на амбиентната температура и намалување на изложеноста на директни извори на топлина.
- Да обезбедат климатизирана просторија или друг соодветен простор за разладување на вработените за време на паузите.
- Работните задачи што бараат поголем физички напор, кога тоа е можно, да се извршуваат во раните утрински или подоцните попладневни часови. Во периодот од 11 до 17 часот, кога топлинското оптоварување е најголемо, да се прилагоди организацијата на работниот процес преку почести паузи, обезбедување услови за разладување, ротација на работниците и работните задачи, организација на работа во смени и, кога тоа го дозволува работниот процес, примена на флексибилно работно време, работа од далечина, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време, како и, кога е можно, избегнување на работа на отворено.
- Да го намалат интензитетот на физичкиот напор кога е тоа возможно и да избегнуваат непотребна прекувремена работа.
- Посебно внимание да посветат на ранливите категории вработени (лица со хронични заболувања, постари работници, бремени жени, лица со прекумерна телесна тежина и др.) и, доколку е можно, да ги прераспределат на работни места со помала изложеност на топлина.
- Да обезбедат соодветна лична заштитна опрема и можност за нејзино безбедно отстранување за време на паузите.
- Да обезбедат почести паузи, доволни количини вода за пиење и, по потреба, електролити.
Препораки за вработените
- При патување до и од работното место, да се преземат мерки за намалување на изложеноста на високи температури, како користење засенчени маршрути, носење вода и избегнување непотребен престој на директно сонце.
- Да внесуваат доволно течности (најмалку 2 литри вода дневно, а повеќе при засилено потење), да избегнуваат алкохол и прекумерен внес на кофеин и, по потреба, да користат електролити.
- Да носат лесна, светла и памучна облека, капа, очила за сонце и крем со заштитен фактор при работа на отворено.
- Да ги користат обезбедените паузи за престој во сенка или климатизиран простор и редовно да се разладуваат.
- Да ги препознаваат раните симптоми на топлинска исцрпеност и топлотен удар (вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, прекумерно потење или прекин на потењето, конфузија) и веднаш да го известат одговорното лице.
Прва помош
При сомневање за топлотен удар веднаш да се повика 194 или 112. Лицето треба да се префрли во ладен или климатизиран простор, да се постави во лежечка положба, да се разладува со ладни облоги и вода и да се почека пристигнување на медицинска помош. Доколку лицето е без свест, треба да се постави во странична положба.
Институтот за јавно здравје апелира работодавачите и работниците доследно да ги применуваат овие препораки, особено за време на актуелниот топлотен бран и во деновите со екстремно високи температури, со цел да се заштити здравјето на вработените и да се спречат несаканите последици од изложеност на топлина.
.jpg)