- 30.10.2026
МАЛИ СИПАНИЦИ (Морбили)
ВОВЕД
Малите сипаници (морбили) се акутно, високо заразно вирусно заболување предизвикано од вирусот на морбили (Measles morbillivirus). Заболувањето се карактеризира со треска, респираторни симптоми и генерализиран макулопапуларен осип. И покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина, морбилите и понатаму можат да предизвикаат епидемии, особено во популации со недоволен вакцинален опфат.
Малите сипаници се меѓу најзаразните инфективни заболувања. Вирусот може да остане во воздухот или на контаминирани површини до два часа по заминувањето на заразеното лице од просторијата.
ПАТ НА ПРЕНОС (ТРАНСМИСИЈА)
Вирусот се пренесува главно преку воздухот, со честички што ги исфрла заразеното лице при дишење, зборување, кашлање или кивање. Пренос е можен и преку престој во просторија во која претходно престојувало заразено лице.
· Заразноста започнува приближно 4 дена пред појавата на осипот и трае 4 дена по појавата на осипот (денот на појава на осипот се смета за ден 0).
· Кај лица со тешка имуносупресија, периодот на заразност може да биде продолжен.
· Лицата без докази за имунитет, особено невакцинираните лица, се изложени на висок ризик по контакт со заболен.
ЗНАЦИ И СИМПТОМИ
Инкубацискиот период најчесто е околу 11–12 дена од денот на изложување до појава на продромални симптоми; осипот обично се појавува околу 14 дена по изложувањето. Клиничкиот тек најчесто започнува со:
· висока температура и малаксаност;
· кашлица, течење на носот (кориза) и конјунктивитис;
· Копликови дамки – ситни белузлави промени на букалната слузница, кои може да се појават пред осипот;
· генерализиран макулопапуларен осип, кој обично започнува од лицето и се шири кон трупот и екстремитетите.Осипот најчесто трае 5–6 дена.
Можните компликации вклучуваат отитис медиа, дијареја и дехидратација, пневмонија и акутен енцефалитис. Ретка, но особено сериозна доцна компликација е субакутниот склерозирачки паненцефалитис (SSPE) – прогресивно и фатално дегенеративно заболување на централниот нервен систем, кое обично се манифестира 7–10 години по прележување на инфекцијата со вирусот на мали сипаници. Ризикот за негова појава е поголем кај децата кои заболеле пред навршување на 2-годишна возраст.
КОГА ДА СЕ ПОСОМНЕВАТЕ НА МАЛИ СИПАНИЦИ?
Кај лице со акутна фебрилна болест и генерализиран макулопапуларен осип, особено ако осипот е проследен или претходен со кашлица, кориза и конјунктивитис, или ако постои податок за контакт со потврден случај, престој/патување во подрачје со циркулација на вирусот или непознат/нецелосен вакцинален статус. Отсуството на познат контакт не ја исклучува дијагнозата.
ДИЈАГНОЗА И ЛАБОРАТОРИСКО ТЕСТИРАЊЕ
Лабораториската потврда се заснова на детекција на специфични IgM антитела во серум и/или детекција на вирусна РНК со RT-PCR во респираторен примерок. Кај спорадични случаи и при епидемии се препорачува лабораториска потврда според националните и лабораториските протоколи. Не треба да се чека резултатот од лабораторијата за да се започнат пријавувањето и епидемиолошкото постапување.
Одделението за вирусологија при ИЈЗ е национална референтна лабораторија за испитување на мали сипаници и располага со соодветни тестови за лабораториска дијагноза на мали сипаници.
ПРИМЕРОЦИ ЗА ЛАБОРАТОРИСКА ДИЈАГНОЗА
|
Тип на примерок |
Намена |
Важни напомени |
|
Серум |
Measles-specific IgM |
Да се земе што е можно побрзо по појавата на осипот. Ран негативен резултат не ја исклучува инфекцијата. |
|
Брис од грло / назофарингеален брис |
RT-PCR за вирусна РНК |
Да се земе при првиот контакт; најдобра детекција е во првите денови по појавата на осипот. |
|
Урина |
RT-PCR (дополнителен примерок) |
Може да ја зголеми можноста за детекција. |
МЕРКИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА И КОНТРОЛА ВО ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ
· Вакцинација: Вакцинацијата со комбинирана вакцина против мали сипаници, рубеола и паротит (МРП) е најефикасната мерка за превенција. За целосна заштита се потребни две дози, согласно важечкиот национален календар за имунизација. Лицата кои не се вакцинирани или имаат примено само една доза треба да го проверат својот вакцинален статус и да ја комплетираат вакцинацијата согласно националниот календар за имунизација.
· Проверка на вакциналниот статус: Родителите треба да проверат дали нивните деца се вакцинирани согласно возраста и календарот за имунизација. Посебно внимание треба да се посвети на децата кои ја пропуштиле редовната вакцинација.
· Избегнување контакт со заболени лица: Лицата со симптоми на мали сипаници треба да избегнуваат контакт со други лица, особено со доенчиња, бремени жени, невакцинирани лица и лица со ослабен имунолошки систем.
· Останување дома при симптоми: При појава на висока температура, кашлица, течење на носот, црвенило на очите и осип, лицето треба да остане дома и телефонски да контактира со матичниот лекар, без самостојно одење во чекална или амбуланта.
· Навремено препознавање и пријавување: При сомнеж за мали сипаници, потребно е веднаш да се побара медицинска помош и да се извести здравствената установа за симптомите пред доаѓањето.
· Изолација на заболените: Заболените лица треба да избегнуваат контакт со други лица и да останат во домашна изолација најмалку 4 дена по појавата на осипот, при што денот на појавата на осипот се смета за ден 0. Кај одредени пациенти, особено со ослабен имунолошки систем, изолацијата може да биде подолга по проценка на лекар.
· Постапување по контакт со заболен: Лицата кои биле во контакт со потврден или сомнителен случај треба да го известат матичниот лекар или надлежниот Центар за јавно здравје, за проценка на вакциналниот статус и потребата од постекспозициска профилакса. МРП вакцина може да се примени во рок од 72 часа по изложувањето кај лица кај кои е индицирана, додека имуноглобулин може да се даде во рок од 6 дена кај одредени високоризични контакти.
· Следење на здравствената состојба: Контактите треба да ја следат појавата на симптоми во период до 21 ден по последната изложеност, а при појава на симптоми да останат дома и телефонски да контактираат со лекар.
· Информирање и едукација: Граѓаните треба да се информираат преку официјални и проверени извори за начините на пренос, симптомите, можните компликации и значењето на вакцинацијата, со цел спречување на ширењето на болеста и дезинформациите.
ТРЕТМАН
Не постои специфична антивирусна терапија за некомплицирани мали сипаници. Третманот е симптоматски: надоместување течности, контрола на температурата и следење за компликации. Антибиотици не се даваат рутински, туку само при докажана или клинички сомнителна бактериска суперинфекција.
ЕПИДЕМИОЛОШКА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК
Во Македонија се регистрирани лабораториски потврдени случаи на мали сипаници. Исто така, во соседните земји (Косово и Бугарија), во тек се епидемии на мали сипаници.
Во овој момент, достапните информации укажуваат на зголемен ризик од појава на дополнителни случаи и можност за локално ширење на мали сипаници во Македонија. Сепак, врз основа на досегашните податоци, сè уште не може да се заклучи дека постои пошироко епидемиско ширење на национално ниво.
Во наредниот период потребно е да продолжи засилениот епидемиолошки надзор на целата територија на државата, со посебен акцент на навремено откривање и лабораториска потврда на сомнителните случаи, брза идентификација и следење на контактите, проверка на вакциналниот статус и спроведување на соодветни мерки. Особено внимание треба да се посвети на навремено известување на здравствените работници и подигање на свесноста кај населението, како и на интензивирање на активностите за дополнителна вакцинација на невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица, согласно Националниот календар за имунизација.
Со навремено и координирано постапување може да се намали ризикот од секундарно пренесување и да се спречи евентуално пошироко епидемиско ширење на заболувањето.