Денес, во просториите на ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ, во присуство на претставници на Македонското здружение за заштита при работа,  претставници на овластените установи по медицина на труд и за безбедност на работа,  свечено беше одбележан 28 април – Меѓународниот ден за безбедност и здравје на работа. Свои пригодни дискусии имаа и директорот на ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ, доц.д-р Шабан Мемети и директорот на ЈП Паркови и зеленило г-дин Ардијан Муча. Во знак на одбележување на овој ден, пред зградата на Институтот беа посадени дрвца, со што на симболичен начин се одбележа овој ден, а на директорот Ардијан Муча му беше доделена благодарница за континуиран придонес во одбележувањето на Меѓународниот ден за безбедност и здравје на работа.

По овој повод Институтот за јавно здравје традиционално ја објави и Информацијата за повреди на работа во 2020 година (Повреди-на-работа-2019-2020-год.pdf (iph.mk)

Што претставува

Во 2003 година, Меѓународната организација на трудот (МОТ) започна да го одбележува 28 април како Меѓународен ден за безбедност и здравје на работа. Целта беше да се нагласи потребата за превенција на повредите на работа и професионалните болести. Ова одбележување претставува значајна алатка за подигање на свеста за тоа како да се направи работата безбедна и здрава и како да се зголеми политичката воља за подигање на безбедноста и здравјето на работа на едно повисоко ниво.

28 април е исто така Меѓународен ден на комеморација и споменување на сите работници кои своите животи ги изгубија поради повреди на работа и професионални болести.

Оваа година 28 април се одбележува под мотото –

Предвидете ги, подгответе се и одговорете на кризите

ИНВЕСТИРАЈТЕ СЕГА ВО СИЛНИ СИСТЕМИ ЗА БЗР

Зошто токму ова мото? Затоа што во изминатата година , падемијата на КОВИД-19 остави тешки последици врз речиси сите аспекти поврзани со работата – од непосредната закана за заразување со вирусот на работните места, до голем број на смртни случаи, особено во клучните сектори,  отпуштање од работа, затворањето на претпријатијата, ограничување на движењето, забраните за напуштање на домовите, затворањето на училиштата и влијание врз глобалните синџири за снабдување, врз сообраќајот, угостителството, туризмот….

Пандемијата ги изложи сите работници на ризикот од зараза со САРС-КоВ-2, а особено е голем ризикот на вработените во здравството, социјалната заштита и вработените на есенцијалните работни места во секторите на критичната инфраструктура (полиција, војска, телекомуникација, банкарство, образование, малопродажба, производство на храна, снабдување со вода и други). Покрај ризикот од заразување со новиот коронавирус, работниците се соочуваат и со други опасности што се појавија во текот на пандемијата, како што се стресот, насилството и вознемирувањето. Исто така, новите работни практики и постапки што беа усвоени за контрола на ширењето на вирусот, создаваат нови ризици за БЗР, вклучувајќи ги хемиските, ергономските и психосоцијалните опасности.

Пандемијата на КОВИД-19 ја изнесе на виделина, повеќе од кога било порано, потребата за зајакнување на службите за медицина на труд, што функционираат како мост меѓу јавното здравје и работните места. Службите за медицина на трудот играат суштинска улога во советувањето и поддршката на работодавачите за спроведување на проценки на ризиците на работните места и усвојување ефикасни превентивни и корективни мерки, како што се редовно следење на условите работната средина и следење на здравствената состојба на работниците преку редовните превентивни медицински прегледи.

Иако системот за јавно здравје има одговорност за спречување на ширењето на вирусот што предизвикува КОВИД-19, прилагодливите и ефективните национални системи за БЗР се клучни за заштита на животот и здравјето на работниците и можат значајно да придонесат кон намалување на последиците предизвикани од пандемијата.

Затоа, подучени од досегашното искуство, а почитувајќи ги препораките на Меѓународната организација на трудот, националните системи за подготвеност и одговор на вонредни состојби треба активно да ја вградат подготвеноста за БЗР во своите национални планови за одговор на катастрофи. Се надевам дека сите наши напори во иднина ќе бидат насочени во овој правец и дека службите за БЗР ќе можат реално да го дадат својот придонес кон што поуспешно справување со оваа пандемија, но и со секоја наредна катастрофа.

 

.