Неделни податоци

Во текот на 12-та недела од 2020 година, пријавени се 671 (I=32,4/100.000) случаи со грип/ заболувања слични на грип, намалување од 62,6% во споредба со минатата недела (n=1.792).

Бројот на пријавени лица споредено со 12-та недела од минатата сезона (n=975) е намален за 31,2%, а во споредба со бројот за 12-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=1.024) се регистрира зголемување од 4,1% (Графикон 1).

Регистрираната инциденца оваа недела е во рамките на вон-сезонска активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип (Графикон 1).

Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, во текот на 12-та недела, пристигнати се 16 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 4 (25%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, по 2 примероци Influenza А (A/H3 и  A/H1pdm) и Influenza B (B Victoria).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

grip 12.1

Во 12-та недела, најголем број случаи (n=435; 64,8%) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15-64 години, додека највисока инциденца од 62,8/100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 0-4 години (Графикон 2).

 

Графикон 2. Неделна дистрибуција на случаите сезонски грип/заболувања слични на грип по возрасни групи – инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

grip 12.2

Оваа недела пријавени се случаи од 28 извештајни единици, од кои во една извештајна единица инциденцата е над неделната граница над ниска (сезонска) активност. Најголем број случаи се регистрирани од подрачјето на ЦЈЗ Битола (n=103), а највисока инциденца е регистрирана од подрачјето на ПЕ Кавадарци (I=199,8/100.000) со 86 пријавени случаи.

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 32.736 (I=1.582,1/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=20.276), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 61,5%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=24.672) се регистрира зголемување од 32,7%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од сите извештајни единици.

Најголем број на случаи се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=5.997), ЦЈЗ Струмица (n=3.203), ЦЈЗ Велес (n=2.806) и ПЕ Кавадарци (n=2.701) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 6.276,4/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Кумулативна инциденца над 3.000,0/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кратово, ЦЈЗ Велес, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар и ПЕ Свети Николе (Графикон 3).

Во текот на сезоната се регистрирани вкупно 3 смртни случаи асоцирани со грип.

Графикон 3. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

 grip 12.3

 

Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 16.808 (51,3%), а највисока кумулативна инциденца од 4.300,2/100.000 се регистрира кај децата од 5-14 години (Графикон 4).

Графикон 4. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по возрасна група, сезона 2019/2020

grip 12.4

 

Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци е дадена на Графиконот 5. Најголем број (19.874; 60,7%) од заболените е регистриран во февруари.

Графикон 5. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2019/2020

grip 12.5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 761 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 376 (49,4%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 6).

Од позитивните, 197 (52,4%) се Influenza A, додека 179 (47,6%) се Influenza В.

Според субтипот на Influenza A, 90 (45,7%) се A/H1pdm, 93 (47,2%) A/H3, а 14 се несуптипизирани.

Според линијата на Influenza В, 137 (76,5%) се B/Victoria, а 42 се со неодредена линија.

Графикон 6.  Неделна и кумулативна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2019/2020

 grip 12.6

 

grip 12.6.2

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип се намалува и е во рамките на вон-сезонска активност. Процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор изнесува 25%.

Се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип. Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот.

Очекуваме задржување на трендот на понатамошно намалување на активноста до крајот на сезоната.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени; и здравствени работници.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 28.664 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, заклучно со 15.03.2020, а согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.975 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.889 лица или 52,7%, на возраст од 30-64 години – 6.707 лица или 44,8%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 276 или 1,8%. Вакцинирани се 7 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 94 лица или 0,6%. Вакцинирани се две бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 9.014 лица (60,2%) се со историја на хронично/и заболување/а.

Дополнително, вакцинирани се 1.252 здравствени работници по пренамената на дел од комерцијалните вакцини за оваа категорија на лица под ризик.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 11-та недела од 2020 година, активноста на грипот останува на покачено ниво, но се намалува 5 недели по ред. Една земја пријавија висок интензитет. Најголем дел од земјите пријавуваат широко распространета активност.

Активност на грипот оваа сезона во Европскиот регион на СЗО започна порано во споредба со претходните години. Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела од 2019. Во поголемиот дел од земјите доминантен е Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси.

Во текот на 11-тата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 30,9%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, 37,1% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите. Од нив, 64,9% се Influenza A, а 35,1% Influenza B. Меѓу Influenza A вирусите, доминира A(H1N1)pdm09, а меѓу Influenza В, доминира линијата Victoria.

Соопштените проценки на смртни случаи предизвикани од сите причини од 24 земја кои известуваат за EuroMOMO покажуваат нормално ниво на смртност од сите причини.

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје