И Н Ф О Р М А Ц И Ј А

за состојбата со појава на Туларемија во Република Македонија

Во последните две недели, заклучно со 11 февруари 2015 година, до Центарот за контрола и превенција на заразни болести при Институтот за јавно здравје на Република Македонија пристигнати се 3 Пријави за докажан причинител на заразна болест Туларемија, кај 3 лица.

Истовремено, добиени се две  Пријави за заразна болест Туларемија  (за третиот случај Пријавата за заразна болест, согласно важечката законска регулатива, се очекува да пристигне).

Почетокот на симптомите кај првиот случај се бележи во средината на декември, 2014 година, а последниот случај дава податоци за појава на првите симптоми пред два месеци.

Сите три заболени лица се од Скопје, но не е докажано постоење на епидемиолошка врска меѓу нив. Сите три лица се од различни делови на градот (нас. Кисела Вода, С. Арачиново и с. Грушино), на различна возраст –  26, 72 и 24 години.

Епиемиолошките истражувања во однос на можните начини на заразување на заболените лица покажуваат дека заболените или имале контакт со глодари/нивни продукти или забележале зголемено присуство на глувци во нивната непосредна околина на живеење. Двајца од заболените пијат вода од локален водовод, а еден од нив користел и вода од локален водоснабдителен објект (бунар).

Надлежните епидемиолошки служби превземаат сите потребни мерки и активности за спречување на појава на нови случаи, дел од нив во соработка со локалната самоуправа (информирање и здравствена едукација на населението, информирање на здравствените работници за актуелната ситуација, засилен надзор и контрола над водоснабдувањето, обезбедување на исправна вода за пиење – редовно хлорирање и запазување на критериумите за постоење на заштитни зони околу изворот и каптажите на локните водоводи, спроведување на редовна и континуирана дератизација, согласно претходно изработени планови и програми).

Институт за јавно здравје на Република Македонија

Сектор за контрола и превенција на заразни болести