Клучни факти
- Иако е достапна безбедна, ефикасна и економична вакцина, во 2017 година, на глобално ниво имало 110.000 случаи на мали сипаници, главно кај деца на возраст под 5 години
- Вакцинацијата против мали сипаници резултираше со пад на смртноста од ова заболување за 80% во периодот меѓу 2000 и 2017 година, низ целиот свет
- Во 2017 година, околу 85% од децата во светот добиле една доза на вакцина против мали сипаници на нивниот прв роденден преку рутински здравствени услуги – во споредба со 72% во 2000 година
- Во текот на 2000-2017 година, вакцинацијата против мали сипаници спречи околу 21,1 милиони смртни случаи, што ја прави вакцината против мали сипаница една од најдобрите инвестиции во јавното здравје.
________________________________________
Малите сипаници се многу заразна и сериозна болест, предизвикана од вирус. Пред воведувањето на оваа вакцина во 1963 година и пред вакцинацијата широко да се распространи во светот, големи епидемии на мали сипаници се појавуваа просечно на 2-3 години предизвикувајќи по проценка 2,6 милиони смртни случаи секоја година.
Оваа болест останува една од водечките причини за смрт кај малите деца на глобално ниво, и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина.
Околу 110.000 лица умреле од мали сипаници во 2017 година – главно деца на возраст под 5 години.
Малите сипаници се предизвикани од вирус кој припаѓа на фамилијата Paramyxoviridae и вообичаено се пренесуваат преку воздушно-капков пат и директен контакт. Вирусот го инфицира респираторниот тракт, а потоа се шири низ организмот. Малите сипаници се заболување на човекот и не е познато дека се јавуваат кај животни.
Засилените активности за имунизација имале големо влијание врз намалувањето на смртноста од ова заболување. Во текот на периодот од 2000-2017 година, вакцинацијата против мали сипаници спречи околу 21,1 милиони смртни случаи. На глобално ниво, бројот на смртни случаи од мали сипаници се намали за 80% од проценетите 545.000 во 2000 година* на 110.000 во 2017 година.
Знаци и симптоми
Првиот знак на мали сипаници обично е висока температура, која најчесто почнува околу 10 до 12 дена по изложеноста на вирусот и трае 4 до 7 дена. Во почетната фаза може да се појави течење на носот, кашлица, црвени и насолзени очи и мали бели точки на слузницата што ја обложува усната празнина. По неколку дена избива исип, обично на лицето и горниот дел на вратот.
Во текот на околу 3 дена, исипот се шири по телото, и на крајот достигнува до дланките и стапалата. Исипот трае 5 до 6 дена, а потоа исчезнува. Во просек, исипот се јавува 14 дена по изложеноста на вирусот (во опсег од 7 до 18 дена).
Компликации
Повеќето смртни случаи поврзани со мали сипаници се предизвикани од компликации поврзани со оваа болест. Компликациите се почести кај деца на возраст под 5 години или кај возрасни над 20 години. Најсериозните компликации вклучуваат слепило, енцефалитис (инфекција која предизвикува оток на мозокот), тешка дијареа (проливи) следена со дехидратација, инфекции на увото или тешки респираторни инфекции како на пр. пневмонија. Тешките форми на мали сипаници се поверојатни кај слабо ухранети мали деца, особено оние со недостаток на витамин А или чиј имунолошки систем е ослабен од ХИВ / СИДА на пр. или други болести.
Во популации каде е висок процентот на недоволна ухранетост и недостаток на соодветна здравствена заштита, до 10% од случаи на мали сипаници резултираат со смртен завршеток. Жените инфицирани во текот на бременоста, исто така, се изложени на ризик од тешки компликации, а бременоста може да заврши со спонтан абортус или предвремено породување. Луѓето кои прележале мали сипаници се отпорни на заболувањето до крајот на нивниот живот.
Кој е во опасност?
Невакцинираните мали деца се во најголем ризик од заболување од мали сипаници и нејзини компликации, вклучувајќи и смрт. Невакцинираните бремени жени се исто така изложени на ризик. Секое лице без имунитет кон ова заболување (невакцинирано или вакцинирано лице кое не развило имунитет) може да се зарази.
Мали сипаници сéуште се вообичаени во многу од земјите во развој, особено во делови од Африка и Азија. Високиот процент (повеќе од 95%) на смртност кај малите сипаници се јавува во земји со ниски приходи по глава на жител и слаба здравствена инфраструктура.
Епидемии на сипаници може да бидат особено смртоносни во земјите што се соочуваат или се опоравуваат од природна катастрофа или конфликт. Оштетувањето на здравствената инфраструктура и здравствените услуги ја прекинува рутинската имунизација, а пренатрупаноста во резиденцијалните кампови значително го зголемува ризикот од инфекција.
Пренос на заболувањето
Високо инфективниот вирус се шири со кашлање и кивање, близок личен контакт или директен контакт со секрети од носот или грлото на заразено лице.
Вирусот останува активен и заразен во воздухот или на заразени површини до 2 часа. Тој може да биде пренесен од заразено на здраво лице од 4 дена пред почетокот на исипот до 4 дена по избувнувањето на исипот.
Епидемиите на мали сипаници може да резултираат со многу смртни случаи, особено кај мали, неухранети деца. Во земјите каде малите сипаници во голема мера се елиминирани, случаите увезени од други земји остануваат важен извор на инфекција.
Третман
Не постои специфичен антивирусен третман (лек) за вирусот на мали сипаници.
Тешките компликации од мали сипаници може да се избегнат преку супортивна терапија и нега која обезбедува добра исхрана, соодветен внес на течности и третман на дехидратацијата со орален рехидратен раствор, препорачан од СЗО. Овие раствори ги заменуваат течностите и другите основни елементи кои се губат преку проливи или повраќање. Антибиотиците треба да се употребуваат за лекување на воспалението на очите и ушите, како и за пневмонија, индицирани и препишани само од лекар.
Сите деца во земјите во развој дијагностицирани со мали сипаници треба да добијат две дози на витамин А суплемент, на растојание од 24 часа. Овој третман ги враќа ниските нивоа на витамин А на нормално ниво за времетраењето на малите сипаници, што се случува дури и кај добро ухранети деца и може да помогне за превенција на оштетување на очите и појава на слепило. Се покажа дека додатокот на витамин А го намалуваат бројот на смртни случаи од мали сипаници дури за 50%.
Превенција
Рутинската вакцинација против мали сипаници за деца, во комбинација со масовни кампањи за имунизација во земји со висока стапка на заболување и смртност, се клучните јавното здравствени стратегии за намалување на глобалната смртност од мали сипаници. Вакцината против мали сипаници се користи повеќе од 50 години.
Вакцината е безбедна, ефикасна и ефтина.
Чинењето на имунизација на едно дете против мали сипаници е околу еден американски долар.
Вакцината против мали сипаници често е инкорпорирана во комбинирани вакцини – најчесто со вакцина против рубеола и / или заразни заушки во земјите каде што овие болести се проблем. Еднакво е ефективна во поединечна или комбинирана форма. Додавањето на рубеола-вакцина на вакцината против сипаници ја зголемува цената незначително, и овозможува заеднички трошоци за испорака и администрација.
Во 2017 година, околу 85% од децата во светот добиле 1 доза од вакцина против мали сипаници по нивниот прв роденден, преку рутинските здравствени услуги – во споредба со 72% во 2000 година. За да се обезбеди имунитет и да се спречи појава на епидемии, се препорачуваат две дози од вакцината, бидејќи околу 15% од вакцинирани деца не развиваат имунитет после првата доза. Во 2017, 67% од децата добиле 2-ра доза на вакцина против мали сипаници.
Од проценетите 20,8 милиони невакцинирани деца со најмалку една доза вакцина против мали сипаници преку рутинска имунизација во 2017, околу 8,1 милион живеат во 3 земји: Индија, Нигерија и Пакистан.
Одговор на СЗО
Во 2010 година, Светското Здравствено Собрание востанови три камен-темелници (чекори) во насока на идното искоренување на мали сипаници кое требаше да се постигне до 2015 година:
- Да се зголеми рутинска покриеност со првата доза на вакцина која содржи морбили (MCV1) за повеќе од 90% на национално ниво и повеќе од 80% во секоја област
- Да се намали и да се одржува годишната стапка на мали сипаници (инциденца) на помалку од 5 случаи на милион; и
- Намалување на проценетата смртност од мали сипаници за повеќе од 95% од проценката за 2000 година.
Во 2012, Здравственото Собрание го одобри Глобалниот Акционен План за Вакцини, со цел елиминација на малите сипаници во 4 СЗО-Региони до 2015 и 5 СЗО-Региони до 2020 година.
До 2017 година, глобалниот притисок за подобрување на опфатот со вакцините резултираше со намалување на смртноста за 80% . Во текот на 2000-2017 година, со поддршка од Иницијативата за мали сипаници и рубеола и GAVI, и Алијансата за вакцинација, вакцинацијата против мали сипаници спречи околу 21,1 милиони смртни случаи. Повеќето од избегнатите смртни случаи беа во Африканскиот регион и во земјите поддржани од GAVI Алијансата.
Но, без постојано внимание, тешко стекнатите придобивки лесно може да се изгубат. Онаму каде што децата се невакцинирани, се појавуваат епидемии. Поради мал опфат на национално ниво или во постоечките џебови, повеќе региони беа погодени со големи епидемии на мали сипаници во 2017 година, предизвикувајќи многу смртни случаи. Врз основа на актуелните трендови на опфатот со вакцинација и инциденца на мали сипаници, Стратешката советодавна група на експерти за имунизација на СЗО (SAGE) заклучи дека елиминацијата на мали сипаници е во голема мера под закана, а болеста повторно се појави во голем број земји кои беа постигнале или беа блиску до постигнување на елиминација.
СЗО ќе продолжи да ја зајакнува глобалната лабораториска мрежа за да обезбеди навремена дијагноза на мали сипаници и да го следи меѓународното ширење на вирусот на мали сипаници за да овозможи покоординиран пристап во насочување на активностите за вакцинација и намалување на смртноста кај малите сипаници од оваа болест која може да се спречи со вакцина.
Иницијативата за мали сипаници и рубеола
Лансирана во 2001 година, Иницијативата за мали сипаници и рубеола (M & R Initiative) е глобално партнерство предводено од Американската организација на Црвен крст, Фондацијата на Обединетите нации, Центрите за контрола и превенција на болестите (CDC), УНИЦЕФ и СЗО. М & Р иницијативата е посветена на целта да обезбеди дека ниедно дете нема да умре од мали сипаници или да биде родено со конгенитален синдром на рубеола. СЗО им помага на земјите да планираат, да обезбедат фондови и да ги мерат напорите за елиминација на малите сипаници за добробит на човештвото.
________________________________________
* Проценките за смртност за 2000 година може да се разликуваат од претходните извештаи. Кога СЗО и УНИЦЕФ го повторија моделот кој се користи за да се генерираат проценети смртни случаи на сипаници секоја година, со новите податоци за Проценки на опфатот со имунизација на национално ниво на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ (WUENIC), како и ажурираните податоци од надзорот, прилагодените резултати за секоја година, вклучувајќи ја и основната година, се подготвени и ажурирани, исто така.
Извор: https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/measles
Прилог:
Флаер (pdf) Мали сипаници и како да се заштитите/ Fruthi dhe si të mbrohemi
флаер (македонски)