- 09.05.2025
10 мај - Светски ден на физичката активност
Мото за 2025 -„Повеќе од истото не е доволно“
Вежбањето има значително влијание врз здравјето на нашето срце, телото и умот, придонесувајќи за спречување на кардиоваскуларни заболувања, рак и дијабетес, намалување на симптомите на депресија и анксиозност, а воедно обезбедува раст и развој кај младите луѓе. Сепак, 1 од 4 возрасни не ги исполнуваат препорачаните нивоа на физичка активност. Освен тоа, Светската здравствена организација проценува дека околу 5 милиони смртни случаи годишно би можеле целосно да се спречат со редовна поголема физичка активност. Овој огромен товар на болести што се припишува на физичката неактивност се должи на:
(а) високата преваленца на неактивност забележана кај возрасните (30%) и кај адолесцентите (80%) низ целиот свет; и
(б) зголемениот ризик од многу болести кај неактивните лица во споредба со нивните активни врсници.
И покрај значителниот напредок во надзорот, истражувањето и политиките за физичка активност низ целиот свет, нивоата на физичка активност не се зголемуваат, што сугерира дека „Повеќе од истото не е доволно“. Затоа треба да ги потсетиме здравствените работници, креаторите на политиките и општеството воопшто за важноста на физичката активност за здравјето, па оттука и потребата од годишен Светски ден на физичката активност.
Што претставува физичката активност?
Физичката активност е дефинирана како секое телесно движење произведено од мускулно скелетнитниот апарат што резултира со трошење на енергија. Владите имаат одговорност да им олеснат на поединците во изборот на физичката активност, како дел од животната рутина. Пристапот до пријатна, безбедна, здрава, правична и целна физичка активност мора да биде општествен приоритет. Меѓународното здружение за физичката активност и здравје (ISPAH) го поддржува Светскиот ден за физичка активност 2025 година, како дел од своите глобални напори за промоција на физичката активност и здравјето, а поконкретно, преку Осумте инвестиции што функционираат за физичка активност - Акциски стратегии за промоција на поздрави заедници, преку вградување на физичката активност во националните и поднационалните политики.
Кое е решението?
Време е да се премине од пристап на „болни лица“ кон пристап на „здраво население“. Со децении, промоцијата на физичката активност е фокусирана на оние кои се неактивни. Време е да се фокусираме на целото население и да се стремиме кон поместување на целата дистрибуција на физичка активност кон поголема активност. Солиден број докази сугерираат дека одредена физичка активност, дури и ако е под препорачаните 150 минути неделно, носи значителни здравствени придобивки за поединците и за заедниците. Сепак, за да се постигне таквата цел, задолжително е да се земе предвид контекстот во кој живеат луѓето. Значителна количина на физичка активност, особено во земјите со ниски и средни приходи и кај семејствата со ниски приходи во високо развиените земји, е повеќе неопходност отколку избор. Во такви случаи, покрај промовирањето на физичката активност, императив е да се промовираат здравјето, еднаквоста и правдата. Исто така е важно да се работи надвор од здравствениот сектор; За зголемување на физичката активност е потребна и работа со спортските агенции, урбаните средини, образованието и секторите за планирање. Со децении, полето се фокусира на вкупната физичка активност, која ги комбинира активностите што се одвиваат на работа, во училиште, дома, во слободното време и како превозно средство. Време е да се изучува секоја од овие области одделно, бидејќи активностите што се одвиваат во секоја од нив значително се разликуваат во однос на неопходноста наспроти изборот.
Клучни пораки
· Физичката неактивност предизвикува исто толку смртни случаи како и пушењето на годишно ниво, во светски рамки.
· Нивото на физичка активност не се зголемува низ целиот свет.
· Време е да се промени фокусот на промоцијата на физичката активност: наместо да се таргетираат неактивните лица, време е да се насочи целото население кон повеќе движење.
· Императив е да се земе предвид контекстот во кој се одвива физичката активност и дали се практикува како неопходност или како избор.
Превод и обработка: Оддел за здравствена промоција и следење на болести