• 14.07.2025

Организирани работилница и лабoраториски тренинг во рамки на проектот "Намалување на заканата од биотероризам во Западен Балкан преку стабилизирање на биолошката безбедност, со фокус на детекција, биолошка безбедност и стабилност"


Институтот за Јавно Здравје (ИЈЗ) на Македонија е вклучен во проектот „Намалување на заканата од биотероризам  во Западен Балкан преку стабилизирање на биолошката безбедност, со фокус на детекција, биолошка безбедност и биолошка сигурност“, кој е дел од Германската програма за биолошка безбедност на Сојузното министерство за надворешни работи. Како резултат на тоа, но и на покажаните успеси во работата во однос на капацитетите за брза и точна дијагностика на високо патогени агенси како што се Кримско Конгоанска хеморагична треска, Хантавирус, Вирусот на Западно Нилска треска и вирусот на Мајмунска треска; кои бараат зајакнати мерки на биолошка безбедност со кои во Македонија располага само нашиот Институт,  на иницијатива на Институт за тропска медицина „Бернхард Нохт“, од Хамбург, во периодот од 9 – 10 јули 2025 година се одржаа два паралелни настани:

  • * едукативен состанок на експерти - микробиолози, инфектолози, дерматовенеролози, епидемиолози, ветеринари 
  • * лабораториски тренинг на микробиолози и лабораториски техничари од земјите членки на овој проект: Албанија, Косово, Србија и Македонија.

Во име на ИЈЗ овој значаен настан го отвори Милица Симова, претседател на управниот одбор на ИЈЗ, а искуствата на Македонија ги пренесе проф. д-р Голубинка Бошевска, раководител на одделението за вирусологија, д-р Дугаѓин Османи, раководител на одделот за микробиологија. Нашиот тим од одделението за вирусологија имаше двојна улога – да учи од колегите од Бернхард Нохт  Институтот, но и самите да го споделат своето искуство со колегите од другите држави.

Во рамки на својата функција, ИЈЗ  е посветен на постојано унапредување на знаењата и капацитетите, а се' во интерес на здравјето на граѓаните на Република Македонија.