• 20.10.2025

Започна вакцинацијата против сезонски грип – заштитете се навреме!


Во тек е вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2025/2026.

Вакцинацијата се спроведува во јавните здравствени установи низ државата, односно во центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици.

Во Институтот за јавно здравје се спроведува вакцинација против грип за здравствените работници на територијата на град Скопје.

Со цел да се зголеми достапноста на вакцината против грип на територијата на град Скопје, во процесот на вакцинација е вклучен и Здравствениот дом – Скопје, при што се отворени вакцинални пунктови во: Поликлиника „Букурешт“, Поликлиника „Бит Пазар“ и Поликлиника „Идадија“.

Вакцината е бесплатна за ризичните групи на население, меѓу кои спаѓаат:

  • лица над 65 години,
  • лица со хронични заболувања (астма, срцеви, бубрежни, дијабетес, метаболни, невролошки, имунолошки, малигни заболувања),
  • деца на возраст од 6 месеци до 5 години,
  • бремени жени,
  • здравствени работници.

Што е грип и зошто е важна заштитата?

Грипот е акутно заразно заболување предизвикано од вирусот на грип, кое најчесто ги зафаќа горните дишни патишта – носот и грлото, а во потешки случаи и бронхиите.

Иако кај повеќето луѓе болеста поминува релативно лесно, кај одредени групи може да предизвика сериозни компликации, потреба за хоспитализација, па дури и смртен исход.

Грипот лесно се пренесува со кашлање или кивање, како и преку контаминирани предмети. Симптомите се јавуваат по 1 до 4 дена од инфекцијата, а заразениот може да го пренесува вирусот и пред појавата на симптоми.

Болеста обично започнува нагло, со:

  • висока температура,
  • главоболка и малаксаност,
  • болки во мускулите и зглобовите,
  • болно грло и сува кашлица,
  • солзење и секреција од носот.

Кај повеќето лица симптомите се повлекуваат за околу една недела, но кај ризичните групи може да се јават компликации како пневмонија, воспаление на срцевиот мускул или мозокот, па дури и смртен исход.

Зошто треба да се вакцинираме?

Вакцинацијата е најефикасен и најсигурен начин за заштита од грип и неговите компликации.
Секоја година вакцината се прилагодува на циркулирачките соеви на вирусот и нуди најдобра можна заштита за претстојната сезона.

Институтот за јавно здравје ги повикува сите граѓани, особено оние кои припаѓаат на ризичните групи, навремено да се вакцинираат против грип.

Како да се пријавите за вакцинација против грип?

Пријавувањето за вакцинација се врши преку веб-страницата  www.vakcinacija.mk.

По успешно пријавување, ќе добиете СМС-порака со информација за датумот, времето и местото на вакцинацијата.