• 21.04.2026

Европска недела на имунизација 2026


 

„Вакцините делуваат – за секоја генерација“

Европската недела на имунизација (ЕНИ) претставува регионална иницијатива координирана од Светската здравствена организација (СЗО), насочена кон подигнување на јавната и професионалната свест за клучната улога на имунизацијата како една од најефективните јавно-здравствени интервенции. Таа придонесува за превенција на заразни болести, намалување на морбидитетот и морталитетот и унапредување на здравјето на населението.

Во 2026 година, Европската недела на имунизација се одбележува од 19 до 25 април под мотото: „Вакцините делуваат – за секоја генерација“. Оваа недела претставува важна можност да се потсетиме дека вакцините се едно од најголемите достигнувања на современото јавно здравје. Тие секоја година спасуваат милиони животи и спречуваат ширење на опасни заразни болести, штитејќи не само поединци, туку и целата заедница преку колективен имунитет.

Вакцино-превентабилните заболувања, како што се мали сипаници, дифтерија, полиомиелит и тетанус, во минатото биле честа причина за тешки компликации и смрт, особено кај децата. Благодарение на вакцинацијата, овие заболувања денес се значително намалени или речиси елиминирани во многу делови од светот. Сепак, во последните години се забележува нивно повторно појавување, што е директна последица на намалениот опфат со вакцинација.

Намалувањето на вакциналниот опфат најчесто е поврзано со намалена перцепција на ризикот, ширење на дезинформации и влијание на антивакцинални движења. Овие фактори создаваат услови за повторна појава на болести кои веќе биле ставени под контрола.

Историјата на вакцинацијата започнува во 1796 година со работата на Едвард Џенер, кој ја развил првата вакцина против голема сипаница. Овој настан го означува почетокот на модерната имунологија. Повеќе од еден век подоцна, во 1980 година, големата сипаница е искоренета на глобално ниво, што претставува едно од најголемите достигнувања во историјата на медицината. Понатамошниот развој на вакцините овозможи контрола на бројни други заразни болести и значително го продолжи животниот век на населението.

Вакцините создаваат индивидуална заштита без потреба од прележување на болеста, а истовремено придонесуваат за колективен имунитет. Тој е особено важен за заштита на најранливите групи – новороденчиња, повозрасни лица, хронично болни и лица со ослабен имунитет. Високиот опфат со вакцинација е од суштинско значење за спречување на ширење на инфекции во заедницата.

Вакцинацијата не завршува во детството, туку има значајна улога во текот на целиот живот. Кај возрасните и хронично болните, вакцините против грип, COVID-19, пневмококна инфекција, тетанус и дифтерија значително го намалуваат ризикот од тешки форми на болест, хоспитализација и смрт.

Одбележувањето на Европската недела на имунизација е потсетник дека придобивките од вакцинацијата се резултат на долгогодишни научни достигнувања и глобални напори. Одржувањето на висок вакцинален опфат останува клучно за спречување на враќање на контролирани заболувања и за заштита на јавното здравје.

Оваа недела претставува повик до сите граѓани – да се информираат, да ги следат националните препораки и да придонесат кон заедничка заштита на здравјето на целата популација.

 

 Европска недела на имунизација-(PDF)