„Грижа за ментално здравје за сите: Aјде да ја направиме реалност“

СЗО го дефинира менталното здравје, како „добросостојба во која единката ги реализира своите потенцијали, може да се справува со нормалните животни стресови, работи продуктивно и придонесува во заедницата“. Менталното здравје е многу повеќе од недостаток на болест; тоа е и добросостојба којашто вклучува капацитет за формирање и одржување на релации, учење, работа, одмор и разонода, како и можност и право на лични одлуки и избори. Вака дефинирано, менталното здравје е базичен личен и социјален ресурс – тоа придонесува за хуманиот, физичкиот и социјалниот капитал во заедницата. Од друга страна, нарушеното ментално здравје се поврзува со низа социјални неповолности, злоупотреба на основните човекови права, влошено физичко здравје, намалена продуктивност и зголемен ризик од сериозни психијатриски заболувања.

Во последните години, се повеќе се потврдува важноста што менталното здравје ја има во постигнувањето на глобалните развојни цели што се докажува преку вклучување на менталното здравје во Целите за одржлив развој.

Во светот, повеќе од 450 милиони лица страдаат од ментални нарушувања. СЗО проценува дека околу 151 милион лица страдаат од депресија, 26 милиони од шизофренија, а 125 милиони се соочуваат со растројства поврзани со употреба на алкохол.

Околу 20% од децата и адолесцентите во светот имаат проблеми со состојбата на менталното здравје. Депресијата е една од водечките причини за попреченост. Самоубиството, пак, е втората водечка причина за смрт кај младите на возраст од 15-29 години. Луѓето со тешки состојби на менталното здравје прерано умираат – дури две децении порано.

И покрај напредокот во некои земји, луѓето со проблеми со менталното здравје честопати се соочуваат со тешки повреди на човековите права, дискриминација и стигматизација.

Нарушувањата на менталното здравје се зголемуваат низ целиот свет. Главно како резултат на демографските промени, во последната деценија, нарушувањата на менталното здравје беа зголемени за 13% (до 2017 година).

Менталните нарушувања може значително да влијаат врз сите сфери на животот, како што се училишните или работните способности , односите со семејството и пријателите и способноста за учество во заедницата. Две од најчестите состојби на менталното здравје, депресијата и вознемиреноста, ја чинат глобалната економија еден трилион американски долари секоја година.

И покрај тоа, глобалниот просек на државните здравствени трошоци што одат за ментално здравје е помал од 2%.

Многу состојби на менталното здравје може ефикасно да се третираат со релативно ниски трошоци, но сепак голем е јазот помеѓу луѓето на кои им е потребна грижа и оние што имаат пристап до истата. Покриеноста со ефективен третман останува исклучително ниска.

Токму затоа, потребно е зголемено инвестирање на сите фронтови: подигање на свесноста за менталното здравје (да се зголеми разбирањето, како и прифаќањето од страна на средината и да се намали стигматизацијата); да се зголеми пристапот до квалитетна нега за ментално здравје и ефективни третмани и спроведување на истражувања со цел да се идентификуваат нови и да се подобрат постојните третмани за сите ментални нарушувања. Во 2019 година, СЗО ја започна Специјалната иницијатива на СЗО за ментално здравје (2019-2023): Универзално здравствено покривање за ментално здравје за да се обезбеди пристап до квалитетна и достапна грижа за состојбите на менталното здравје во 12 приоритетни земји за повеќе од 100 милиони луѓе.

Нашата земја континуирано преку разни активности го развива системот за грижа за менталното здравје на населението. Националната стратегија за унапредување на менталното здравје беше усвоена во 2018 година за седумгодишен период (2018-2025). Посебен акцент во оваа стратегија е даден на превенцијата од појавата на болести и промоцијата на менталното здравје, со соодветен план за организација на институциите за ментално здравје во секое ниво на здравствена заштита, со развој на систем за ментално здравје ориентиран кон заедницата. Во центарот на вниманието на оваа стратегијата е секој поединец и неговите потреби за подобрување на менталното здравје.

Менталното здравје и КОВИД-19

Пандемијата КОВИД-19 имаше големо влијание врз менталното здравје на луѓето на глобално ниво. Стравот, грижата и стресот се нормални одговори на перцепираните или реални закани, во моменти кога сме соочени со неизвесност или нешто непознато. Значи, сосема е нормално и разбирливо тоа што луѓето доживуваат страв поврзан со пандемијата КОВИД-19.

Стравот од заразување со вирусот во пандемија како што е КОВИД-19 е зголемен и поради значајните промени во нашиот секојдневен живот од причина што движењето е ограничено како дополнителна мерка во насока на спречување и забавување на ширењето на вирусот. Соочени со промените како што се работа од дома, привремена невработеност, школување на децата од дома и недостаток на физички контакт со другите членови на семејството, пријателите и колегите, важно е да се грижиме за нашето ментално, како и за нашето физичко здравје.

На Светскиот ден на менталното здравје, 10 октомври, ќе се навршат повеќе од 18 месеци од почетокот на пандемијата КОВИД-19. Во некои земји, животот полека се враќа во „нормала“; во други пак, стапките на трансмисија и приеми во болница остануваат високи, нарушувајќи ги животите на семејствата и заедниците во целина.

Изминатиот период донесе многу предизвици: за здравствените работници (обезбедување грижа во тешки околности, одење на работа плашејќи се да го донесат КОВИД-19 дома со себе); за учениците (прилагодување за настава од дома, со мал контакт со наставниците и пријателите и грижи за нивната иднина); за работниците чии финансиски средства се загрозени; за огромниот број луѓе фатени во сиромаштија или во средини со исклучително ограничена заштита од КОВИД-19 и за луѓе со ментални нарушувања (многумина доживуваат уште поголема социјална изолација отколку порано).

Економските последици од пандемијата веќе се почувствуваа, бидејќи компаниите отпуштија голем број од своите вработени во обид да ги спасат бизнисите или пак ги затворија своите компании.

Со оглед на минатото искуство во кризни ситуации, се очекува дека потребата за поддршка на менталното здравје и психосоцијална поддршка ќе продолжи да се зголемува во наредниот период. Инвестирањето во програми за ментално здравје на национално и меѓународно ниво, кои веќе страдаа од долгогодишно хронично недоволно финансирање, сега е поважно од било што досега.

Владите од целиот свет ја препознаа потребата за зголемување и подобрување на квалитетот на услугите за ментално здравје на сите нивоа, што беше предмет на дискусија на Светското здравствено собрание во мај 2021 година. Покрај тоа, некои земји пронајдоа нови начини за обезбедување грижа за менталното здравје на нивната популација.

Време е квалитетната грижа за ментално здравје да стане реалност за сите. Светскиот ден на менталното здравје претставува можност за владините лидери, граѓанските организации и многу други да зборуваат за чекорите што веќе ги преземаат и имаат намера да ги преземат во иднина за поддршка на оваа цел.

Токму ова е причината зошто слоганот на овогодинешната кампања по повод Светскиот ден за заштита на менталното здравје 2021 е „Грижа за ментално здравје за сите: Ајде да ја направиме реалност“.

Оваа кампања нуди можности за сите нас да направиме нешто што го подобрува животот: како поединци, да преземеме конкретни активности за поддршка на сопственото ментално здравје, како и да ги поддржиме пријателите и семејството кои се борат; како работодавачи, да преземат чекори кон воспоставување програми за благосостојба на вработените; како влади, да се обврзат за воспоставување или зголемување на услугите за ментално здравје; и како новинари, да му кажат на светот што повеќе може и треба да се направи за подобрување на менталното здравје во светот.

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести