Моментална состојба во Р. Македонија
Во периодот од 24.12 – 28.12.2018 година, регистрирани се 3 нови случаи на мали сипаници. Еден случај е поврзан со епидемијата во Радишани, дете на четиригодишна возраст, во блиска фамилијарна врска со претходно заболен случај. Другите два случаи не се епидемиолошки поврзани, дете на 2,5 годишна возраст од Куманово и жена на 32 годишна возраст од Скопје, Шуто Оризари. Сите нови случаи се лабораториски потврдени.
Од страна на епидемиолошките служби во ЦЈЗ Скопје и ЦЈЗ Куманово се превземаат активности и мерки на терен во однос на откривање на контактите, проверка на вакциналниот статус и нивно вакцинирање согласно Правилникот и Календарот за имунизација.
Во 2018 година, заклучно со 28.12.2018 во Република Македонија се регистрирани вкупно 62 случаи на мали сипаници. Најголем број (n=29) од регистрираните случаи на мали сипаници се жители од територија на ЦЈЗ Скопје, а 25 лица се од територијата на ПЕ Дебар, 4 случаи се од Куманово, два случаи од Охрид, а по еден случај е од Тетово и Струга.
Возраста на заболените се движи од 5 месеци до 59 години, 42% од заболените се деца на возраст до 4 години, a 40% се на возраст над 30 години.
Најголем број од заболените (24) се регистрирани во јули, кога е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар. Поединечни случаи се регистрирани во септември и октомври. Во текот на декември се заболени 9 лица. На неделно ниво, најголем број на заболени се регистрирани во 30-та недела (n=8), а повторно зголемување на бројот на заболени се регистрира во 50-та недела кога се регистрирани 5 заболени лица.
Графикон . Дистрибуција на заболените од мали сипаници според датум и недела на заболување (n=62) во Р. Македонија, 2018 година
Од вкупниот број на случаи, 82% се лабораториски потврдени. Од 51 лабораториски потврдени случај, 84,3% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус, додека 8 лица се вакцинирани со две дози на вакцина.
Во текот на 2018 година, во РМ пријавени се три епидемии на мали сипаници:
- Првата епидемија е регистрирана во јули месец, на територијата на ПЕ Дебар, а во епидемијата заболеа вкупно 27 лица.
- Втората епидемија е пријавена од ЦЈЗ Скопје во ноември месец, на територијата на с. Грчец, општина Сарај, а во епидемијата се заболени само три лица.
- Последна, трета епидемија е пријавена од ЦЈЗ Скопје во декември месец, на територијата на населба Радишани, општина Бутел. Во оваа епидемија заболени се 7 лица.
Епидемија на територија на ЦЈЗ Скопје
На 19.12.2018 година, ЦЈЗ Скопје пријави нова епидемија на мали сипаници во населба Радишани, општина Бутел. Во епидемијата се регистрирани 7 случаи, сите лабораторски потврдени и епидемиолошки поврзани. Од заболените, 6 лица се возраст од 3-4 години, невакцинирани и едно лице на возрсат од 28 години вакциниран со две дози МРП вакцина. Сите деца посетуваат иста детска градинка „Ташко Караџа“ во населба Радишани, а возрасното лице е во близок фамилијарен контакт со едно од заболените деца. Екипата на ЦЈЗ Скопје направи епидемиолошки увиди во градинката и додатно се превземени санитарно-хигиенски и против епидемиски мерки.
Превземени и препорачани мерки
- Заради појава на епидемија на мали сипаници во населбата Радишани, општина Бутел во Скопје, а по препорака на Комисијата за заразни болести, епидемиолошки екипи од Одделението за епидемиологија при ЈЗУ ЦЈЗ Скопје, во периодот од 21-24.12.2018, извршија контрола на моменталната состојба со вакцинацијата со МРП вакцина на деца на возраст од 12 месеци до 14 години на подрачје на Скопје.
- Беше контролиран опфатот со МРП вакцина во 14 Пункта за имунизација на предучилишни деца и 11 Пункта за имунизација на училишни при ЈЗУ Здравствен дом Скопје за сите 17 општини на подрачје на Скопје. Од направената анализа на регистрираните податоци се констатира дека од вкупно 39.009 предучилишни деца на подрачје на Скопје, 11.256 или 28,85% деца не се вакцинирани со МРП вакцина. Во однос на вакцинацијата на училишните состојбата е подобра во споредба со предучилишните деца, од вкупно 65.806 ученици од I – IX одделение во основните училишта на подрачје на Скопје, 3.728 или 5,67% деца не се вакцинирани со МРП вакцина.
- Во периодот од 20-25.12.2018 год, во Пунктот за имунизација на предучилишни деца “Бутел” во кој се прикрепени 1.603 деца, вакцинирани се само 16 деца со МРП вакцина од вкупно 486 невакцинирани. Во истиот период вакцинирани се 12 деца на училишна возраст од ОУ “Ацо Шопов“ во населба Радишани, од вкупно 62 деца од I-IX одделение, во Пунктот за имунизација на училишни деца “Чаир”.
- Согласно заклучоците на Комисијата за заразни болести, потребно е:
Во жариштето на епидемијата – населба Радишани, општина Бутел, Скопје:
- Да се спроведе вакцинација со МРП вакцина на сите деца на возраст од 6 месеци до 12 месеци. Овие деца подлежат на примање на уште една доза МРП вакцина на возраст од 15 – 24 месеци (согласно Правилникот). Да спроведе вакцинација на сите деца на возрсат од 1 година до 14 години, невакцинирани или пропуштени со МРП вакцина согласно Правилникот и Календарот за имунизација;
- Да се провери вакциналниот статус на сите лицата на возраст од 15 до 45 години кои биле во непосреден контакт (фамилијарен или друг) со веќе заболените лица, и доколку се невакцинирани или некомплетно вакцинирани против мали сипаници или не ја прележале болеста, да се повикаат во ЦЈЗ Скопје и веднаш да се вакцинираат.
На територија на целата држава:
- Вакциналните тимови oд сите вакцинални пунктови во државата, во соработка со патронажните сестри да направат прочешлување на вакциналните картончиња со цел избарување на деца подлежни на МРП вакцинација до 14 годишна возраст, а невакцинираните и некомплетно вакцинираните веднаш да се повикаат и вакцинираат согласно Правилникот и Календарот за имунизација;
- Епидемиолошките служби при ЦЈЗ/ПЕ во соработка со ДСЗИ да продолжат со засилената контрола во вакциналните пунктови, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП (за прва и втора доза), од 12 месеци до 14 години, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица;
- Сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани да ги упатуваат на вакцинација;
- ЦЈЗ во соработка со ИЈЗ да спроведуваат едукативно-промотивни активности во врска со превенција од појава на мали сипаници, односно потенцирање на вакцинацијата како единствена превентивна мерка за заштита на здравјето на децата.
Скопје, 28.12.2018
Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје