На 14 ти декември 1990 година Генералното собрание на  Обединетите Нации (ОН) го одреди 1 октомври како меѓународен ден на постарите лица (резолуција 45/106).  На ова му претходеа иницијативи како што е Виенскиот меѓународен план за акција за стареење кој беше усвоен од Светското собрание за стареење во 1982 година и одобрен подоцна истата година од  генералното собрание на ОН. Во 1991 година Генералното собрание ги усвои принципите на Обединетите нации за постарите лица (резолуција 46/91). Во 2002 година Второто Светско собрание за стареење го усвои Мадритскиот меѓународен план за акција за стареење за да одговори на можностите и предизвиците на стареењето на населението во 21 век и да го промовира развојот на општество за сите возрасти. Составот на светската популација драматично се измени во последните децении. Помеѓу 1950 и 2010 година очекуваниот животен век ширум светот се зголеми од 46 на 68 години. На глобално ниво во 2019 година имало 703 милиони лица на возраст од 65 и повеќе години. Регионот на Источна и Југоисточна Азија бил дом на најголем број на постари лица 261 милион, а потоа следат Европа и Северна Америка со над 200 милиони.

Во текот на следните децении бројот на постари лица ширум светот се проектира  дека ќе биде повеќе од двојно, достигнувајќи повеќе од 1,5 милијарди лица до 2050 година. Сите региони во светот ќе забележат зголемување на  постарата популација помеѓу 2019 и 2050 година.

Во 2020 година, бројот на луѓе на возраст од 60 години и постари ги надмина децата помлади од 5 години.

Оваа година меѓународниот ден на стари лица се одбележува под темата: Оддржливоста и придонесите на  постарите жени .

Пандемијата COVID-19 ги влоши постојаните нееднаквости, при што во изминатите три години ги интензивираа социо-економските, еколошките, здравствените и климатските промени и имаа големо влијание врз животите на постарите лица, особено постарите жени кои го сочинуваат мнозинството во постарата популација. Крстопатот помеѓу дискриминацијата врз основа на возраста и полот ги соединува новите и постоечките нееднаквости, вклучително и негативните стереотипи кои  се комбинираат со  старост и сексизам.

Темата на меѓународниот ден на постарите лица оваа година служи како белег и потсетник за значајната улога на постарите жени во надминување на глобалните предизвици и придонесувајќи за нивните решенија со издржливост и цврстина. Препознавајќи го придонесот на постарите жени и вклучувањето на нивните гласови, перспективи и потреби се клучно значајни политики за подобрување на сеопфатниот одговор на локалните, националните и глобалните предизвици и катастрофи. Овој ден е повик за акција и можност да се покаже и докаже нивниот придонес кон општеството, истовремено промовирајќи политички дијалози за подобрување  и заштита на  човековите права за постарите лица и признание за нивниот придонес за одржлив развој.

Здравјето и благосостојбата се одредуваат не само од нашите гени и лични карактеристики, туку и од физичката и социјалната средина во која  се живее. Околината игра важна улога во одредување на физичките и менталните капацитети во текот на животот на една личност до постара возраст а исто така и колку  добро се прилагодуваме на губење на функцијата и други неочекувани невољи што може да се доживеат во различни фази од животот а особено во поодминати години. Постарите луѓе и средините во кои живеат се разновидни, динамични и променливи. Во интеракција едни со други, тие имаат неверојатен потенцијал за овозможување или ограничување на здраво стареење.

Тешките болести и стапките на смртност кај постарите лица може да се  зголемат доколку се кревки системите за  здравствена и социјална заштита. Напорите за заштита на старите лица не треба да ја занемарат разновидноста на постарите лица, нивната издржливост и позитивен дух, како и повеќекратните улоги што ги играат во општеството, вклучително и како негуватели, волонтери и водачи. Многу е важно да се препознае нивниот придонес, во актуелната криза, вклучително како здравствени работници и даватели на грижа.

 

           Како до безбедно и здраво стареење:

  • Зајакнување на здравствените капацитети;
  • Зголемување на информираноста на старите лица за формите на заштита што се наменети за старите лица;
  • Да се доближат веќе развиените форми и услуги за социјална и здравствена заштита на старите лица во средината во која живеат (дневни центри, центри за помош во домашни услови) и лесно достапни ресурси за задоволување на секојдневните потреби;
  • Потребна е постојана промоција и едукација на здрави животни стилови со посебен акцент на физичката активност, пропратена со здрава и умерена исхрана;
  • Посветувајте време на вашите блиски возрасни лица, и “осаменоста може да премине во болест“ без стереотипи и дискриминација.

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести