Заштитен симбол на меѓународниот ден на семејството, е срцето кое се протега нагоре и завршува како кров на куќата. Овој симбол претставува срце и дом – основите на семејниот живот. Со текот на годините, овој празник, инспирираше многу различни земји за одбележување на национални семејни денови или настани за подигање на свеста на заедницата, кои се однесуваат на актуелните теми врзани за семејството.

Историјат на меѓународниот ден на семејството

Меѓународниот ден на семејствата се одбележува на 15-ти мај и се слави секоја година од 1994 година. Целта на овој глобален ден на семејството е да ја истакне неговата важност и да ја зголеми свеста за прашањата кои влијаат врз семејствата низ целиот свет. Секоја година, од 1996 година, темата ја избира генералниот секретар на ОН. Во 1996 година, темата била “Семејствата и првите жртви на сиромаштија и бездомништво”. Во 2007 година, темата била “Семејствата и лицата со посебни потреби”,  во 2016 година, темата била “Семејствата – здрав живот и одржлива иднина”.

„Влијание на новите технологии врз благосостојбата на семејството“, е темата во 2021 година.

Мега-трендот, вклучувајќи ги новите технологии, демографските промени, брзата урбанизација и трендовите на миграција, како и климатските промени, драматично го обликуваат нашиот свет. Фокус на овие трендови е да се направи анализа на влијанијата врз семејниот живот и препораки за водење одговорни политики, ориентирани кон семејството и користење на позитивните аспекти на тие трендови и избегнување на нивните негативни аспекти.

Продолжената пандемија COVID-19, ја истакна важноста на дигиталните технологии во работниот процес, образованието и комуникацијата. Пандемијата ги забрза технолошките промени кои веќе беа во тек и на општествено и на приватно ниво, вклучително и проширена употреба на дигитални платформи и сродни технолошки иновации. Како резултат на пандемијата, се појави иновативен начин на работа, (работа од дома), која беше прифатена и од страна на вработените и од страна на работодавателите. Од друга страна затворањето на училиштата и зголемената работа од дома, придонесуваат за поголема исцрпеност на родителите, што може да се поврзе со негативни тековни влијанија врз благосостојбата на децата. Новите дигитални технологии имаат потенцијал да ги поттикнат родителите успешно да ги исполнуваат тие обврски. Во истражувањето на влијанието на новите технологии врз семејствата, одбележувањето на меѓународниот ден на семејствата, ќе се фокусира особено на моменталната состојба и идниот потенцијал на дигиталните технологии во унапредувањето на образованието за родителите. Образованието за родителите, се насочува кон подобрување на интеракциите во родителството, однесувањето, знаењата, убедувањата, ставовите и практиките и опфаќа стратегии за позитивно родителство, психосоцијална стимулација и спречување на малтретирање. Во време на пандемијата КОВИД-19, поради следење на наставата на децата од дома, ангажманот на родителите е неопходен за да се овозможи континуирано учење и да се обезбеди ментална и физичка благосостојба на децата.

Генералниот секретар на ОН, во неодамнешниот извештај порача да се инвестира во програми за едукација на родителите во соработка со семејствата, релевантните субјекти на национално ниво, регионални и меѓународни организации и граѓанското општество. Во извештајот се нагласува дека е важно со програмата за едукација, да бидат опфатени баби и дедовци и други роднини кои живеат со децата, со цел да се обезбеди сигурна употреба на новите технологии и да се избегне сајбер-булингот помеѓу децата.

Одбележување на денот на семејството 2021 година, има за цел да ја истакне важноста на ваков тип едукативни програми кои ќе придонесат за благосостојбата на децата и родителите, вклучувително и неколку цели за одржлив развој.

Целите на „Семејствата и новите технологии“, во 2021 година се:

Истакнување на важноста на семејно ориентирани политики и програми за ефикасно одговарање на предизвиците, како резултат на брзото ширење на новите технологии;

Презентирање на растечкиот потенцијал на информатички и комуникациски технологии за зајакнување на родителите преку алатки за едукација во корист на децата, семејствата и општеството воопшто;

Предупредување од негативните влијанија на новите технологии врз децата и семејствата;

Споделување на добри практики за користење на дигиталните технологии за родителството, образованието и целокупната семејна благосостојба.

Заклучок

Овој празник е совршен за оние кои сакаат да го поминат денот со своите семејства и да ја подигнат свеста за вредноста на семејството!

 

Оддел на здравствена промоција и следење на болести