Антибиотиците се лекови кои се користат за лекување на бактериски инфекции како што се пневмонија, сепса,туберкулоза, со убивање на бакериите или спречување на нивниот раст.
Антибиотиците немаат ефект врз вирусите и не треба да се употребуваат при вообичаени вирусни инфекции како што се настинките и грипот.
Непотребното и зголемено употребување на антибиотиците ја намалува нивната моќ да делуваат тогаш кога се потребни. Тоа ќе доведе до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотикот. Резистенцијата е нормален механизам на заштита на бактериите од дејството на антибиотикот. Со текот на времето, резистенцијата се зголемува и се намалува бројот на ефективни антибиотици.
Треба да се има во предвид дека во последните 25 години не е откриен нов антибиотик, и дека примената на антибиотиците во сериозни инфекции предизвикани од бактерии, како и примената на вакцините, го продолжуваат животот на луѓе. Значи, ако сакаме антибиотиците да бидат и понатаму ефикасни, треба соодветно и рационално да ги употребуваме. Антибиотската резистенција е проблем кој ги засега сите – од оние кои ја креираат политиката, оние кои ги произведуваат, оние кои ги пропишуваат, до оние кои ги употребуваат антибиотиците.
Свеста за ефектите од несоодветната и нерационална употреба на антибиотиците во глобални рамки е висока, но сеуште многу ниска во земји каде употребата на антибиотиците не е регулирана и тие може да се земат и без рецепт. Според истражувањето спроведено од СЗО повеќе од половина од сите лекови, вклучително и антибиотиците,несоодветно се пропишани или продадени, додека половина од сите пациенти ги употребуваат антибиотиците несоодветно. Имено, антибиотиците мора да се употребуваат онака како што се пропишани од доктор, во препорачана концентрација, време на земање и интервал меѓу две дози. Дури и кога пациентот се чувствува добро, антибиотикот мора да се земе соодветно и до крај. Никогаш не треба да се користи антибиотик оставен од лекувањето на предходна инфекција.
Овој проблем има не само здравствени последици, туку и економски последици како за лицето инфицирано со резистентна бактерија така и за општеството. Бидејќи, лекувањето на инфекција предизвикана од мултирезистентен сој може да е 100 пати поскап. Во Европа веќе има земји кои се справуваат со тешко излечиви инфекции или со воопшто неизлечиви.
Еден од клучните чекори во борбата со овој јавно здравствен проблем е следењето на антимикробната резистенција. Со цел стандардизација на системот за следење на антимикробната резистенција со системите на Европските земји, од јануари 2013 Република Македонија се приклучи на CAESAR (Централно Азиски и Источно Европски систем за следење на антимикробната резистенција) на СЗО. Хармонизираниот и координиран систем на следење на сите Европски земји е клучен во заштита на здравјето на населението од закани кои непознаваат граници. Во таа насока е и препораката за примена на EUCAST методологијата за одредување на осетливоста на бактериите кон антибиотици.
Во координација со Европскиот Центар за Контрола на Болести (ECDC) и СЗО, Република Македонија е една од првите Европски држави кои од 2008 година го одбележуваат Европскиот ден за рационална употреба на натибиотици. Оваа година се очекува над 40 земји да учествуваат во одбележувањето на овој ден.
Со подршка на СЗО канцеларијата во Скопје, Министерството за здравство – мултисекторската комисија за следење на антимикробната резистенција, Институтот за Јавно Здравје, Здружението на микробиолози на Македонија, Македонското лекарско друштво, Лекарската комора, и Невладината организација Студиорум, на 18.11.2013 (понеделник) со почеток во 12 часот на Скопски саем, сала Дипломатик, ќе одржат средба каде што ќе се поттикне прашањето за рационална употреба на антибиотици во Република Македонија, ќе се промовира едукативно видео за рационална употреба на антибиотици подготвено со подршка на СЗО и ќе се одржи стручен состанок не тема “Имплементација на EUCAST-водичот во микробиолошките лаборатории во Македонија”

Превземи флаер