Во периодот од 01.06 – 06.06.2019, пријавени се вкупно 87 нови случаи на мали сипаници.

Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 20 случаи се од Скопје, а останатите 67 се од 8 други градови во С. Македонија – Тетово (16), Струга (14), Куманово (12), Штип (11), Гостивар (6), Велес (4), Прилеп (2) и Охрид (2).

Во тек на оваа недела најголем број на случаи (42) се на возраст над 30 години.

Според вакциналниот статус, 76 односно 87,4% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 06.06.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.821 случај на мали сипаници со стапка на заболување од 88 на 100.000 жители.

Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, од нив 978 случаи се од Скопје, Куманово – 214, Тетово – 178, Струга – 126, Кичево – 64, Гостивар – 48, Велес – 46, Штип – 36, Дебар – 30, Охрид – 27, Гевгелија – 19,  Прилеп – 12, а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 185,7/100.000, Скопје 158,3/100.000 и Куманово 150/100.000(Графикон 1).

Графикон 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија,  декември 2018 – јуни 2019

morbili slika 1

Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 828 (45,5%), а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 65 на 100.000 жители. Највисока стапка од 1.275 заболени на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година, каде се пријавени 298 (16,4%) заболени, следуваат децата на возраст од 1-4 години, каде се  регистрирани 257 случаи (14,1%) и стапка од  276,9 на 100.000 жители (Графикон 2).

Графикон 2. Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според  возраст, декември 2018-јуни 2019 (n=1.821)

morbili slika 22

Според вакциналниот статус, 1.365 или 75% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 298 (21,8%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупно 257 заболени деца на возраст од 1-4 години, 87,2% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 828 заболени кај лицата над 30 годишна возраст, 73,8% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 761 или 41,8% биле хоспитализирани, а кај 278 (15,8%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=122; 43,9%), и тоа 72 (25,9%) – кај деца до една година и 50 (18%) – кај деца на возраст 1-4г, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.

Од почетокот на епидемијата, во Скопје се вакцинирани 15.092 деца, додека во останатиот дел од државата се вакцинирани 14.229 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 29.321.

 

Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 4.569 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ИЈЗ Скопје