- 12.05.2025
12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари
По повод Меѓународната недела на сестринството, на 5 мај се одбележува Меѓународен ден на акушерките, а на 12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари.
Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари се одбележува на 12 мај, секоја година во знак на сеќавање на роденденот на Флоренс Најтингеjл. Таа е родена во Фиренца, Италија на 12 мај 1820 година. Целиот свој живот се борела за унапредување на својата професија и правата на жените. Флоренс Најтингеjл се смета за пионер на модерното сестринство во светот, дала придонес во промовирањето на графичкото претставување на статистички податоци, иницирала стручно образование на медицинските сестри и вовела методи за нега на пациенти и организација на болници, кои се прифатени во многу земји.
Медицината се занимава со човекот од аспект на болеста, а здравствената нега се занимава со човекот, од аспект на основните човечки потреби. Медицинската сестра има одговорна професија и се залага за постојана професионална надградба и континуирана медицинска едукација.
Медицинска сестра опфаќа автономна и колаборативна грижа за лица од сите возрасти, семејства, групи и заедници, болни или здрави во сите услови. Тоа вклучува унапредување на здравјето, спречување на болести и грижа за болни, инвалидни и лица кои се на умирање. Секоја земја има потреба од компетентна, едуцирана, мотивирана, добро дистрибуирана и поддржана здравствена работна сила како дел од глобалниот поттик за универзално здравствено покривање, а медицинските сестри се клучни за реализација на овие напори.Тие често се првиот, а понекогаш и последниот здравствен работник кој што ќе го види пациентот и квалитетот на нивната првична проценка и последователна грижа е од витално значење за добри здравствени резултати. Медицинските сестри учествуваат во здравствена едукација на населението и посебни вулнерабилни групи за ризик факторите за настанување како на заразните, така и незаразните болести (пушење, неправилна исхрана, употреба и злоупотреба на алкохол, употреба на дроги, физичка неактивност, небезбедно сексуално однесување, и др.)
СЗО има дадено важни препораки, вклучувајќи инвеститање во едукација на медицински сестри и акушерки, ангажирање на повеќе специјализирани медицински сестри, инвестирање и зајакнување на лидерски способности на медицинските сестри и акушерки, зајакнување и признавање на улогата на медицинската сестра во здравствениот систем, поддршка на здравствените работници во спроведување на промоција на здравјето и превенција на болести, кои се клучни за понатамошниот развој на медицинската дејност во иднина.
На Меѓународниот ден на медицинските сестри во 2025 година, Светската здравствена организација ќе го објави извештајот „Состојба на светската медицинска сестра 2025“. The State of the World’s Nursing 2025 (SoWN 2025), кој обезбедува сеопфатен опис на светската медицинска сестринска работна сила во контекст на глобалните промени, посложени здравствени профили и болести, поголеми барања за здравствените системи и итноста да се ориентираат на приоритетите и фокусот на глобалните промени. Извештајот за 2025 година ќе ги претстави најсовремените докази за глобалната медицинска сестринска работна сила, вклучувајќи образование, вработување, миграција, регулатива, работни услови, лидерство како и показатели и проценки за глобално и регионално ниво на медицински сестри, недостигот и проекциите до 2030 година. Овој извештај има за цел да обезбеди потврдени податоци и докази за поддршка на дијалогот за политиките на национално ниво и донесувањето одлуки за тоа каде и како да се инвестира во медицинските сестри, за да се зајакнат системите за примарна здравствена заштита кон универзална здравствена покриеност. Наодите ќе им овозможат на креаторите на политиките, анализи и опции за политики што треба да ги преземат во нивните земји и контексти.
Скоро 50% од здравствените работници се медицински сестри и акушерки. На Светот му требаат 9 милиони повеќе медицински сестри и акушерки доколку сака да постигне универзално здравствено покривање до 2030 година.
Mедицинските сестри се третираат здраво за готово, како невидлив и неисцрпен ресурс. Тоа мора да престане за доброто на медицинските сестри и глобалното здравје. Медицинските сестри се клучни за поздрави заедници, одговорни општества, просперитетни економии и моќни нации. Сега е време креаторите на политиките, националните и локалните носители на одлуки да преземат решителни чекори за градење и оптимизирање на издржлива, силна и одржлива работна сила на сестри.
Меѓународниот совет на медицински сестри апелира на владите и работодавачите да преземат активности и создадат и одржуваат здравствени системи кои се безбедни, достапни и одговорни и медицинските сестри потребно е, да се третираат од ,,да се биде невидлив до непроценлив`` ресурс во здравствените системи. Да се инвестира во медицинските сестри за обнова на здравствените системи кои можат да ги испорачаат целите за одржлив развој и универзалната здравствена покриеност за подобрување на глобалното здравје.
Меѓународниот совет на медицински сестри (ICN) за Меѓународниот ден на медицинските сестри (IND) со темата за 2025 година „Поддржете ги медицинските сестри во нивната секојдневна работа и подобрување на нивното долгорочно здравје``- го става фокусот на здравјето и благосостојбата на медицинските сестри. Оваа тема ја нагласува критичната улога што ја има здравата медицинска работна сила во зајакнувањето на економиите, подобрувањето на здравствените системи и обезбедувањето подобри резултати за заедниците ширум светот. Со темата се истакнува важноста за поддршка на здравјето и благосостојбата на медицинските сестри, кои се од витално значење за функционирањето на здравствените системи на глобално ниво. Медицинските сестри се соочуваат со бројни предизвици: физички, ментални, емоционални и етички, и императив е справување со овие предизвици на начин што ќе го промовира нивното севкупно здравје. Целта не е само да се истакнат предизвиците со кои се соочуваат медицинските сестри, туку и да се обезбеди патоказ кој ќе се фокусира на опипливи решенија засновани на докази за подобрување на здравјето и благосостојбата за овозможување поздрава медицинска сестринска работна сила, препознавајќи ја нивната клучна улога во оптимизирањето на здравствените системи и економиите. Решавање на основните причини кои ја нагризуваат благосостојбата на медицинските сестри и понуда на активни стратегии се од суштинско значење за здравјето на медицинските сестри како и поддршка за клучните проблеми како што се менталното здравје, физичката благосостојба и безбедноста на работното место.
Да се обезбеди заштита против насилството и опасностите на работното место и имплементираат меѓународните стандарди на трудот за правата на медицинските сестри, да работат во безбедна и здрава работна средина која обезбедува заштита на физичкото и менталното здравје. Да се унапредат стратегии за регрутирање и задржување на медицински сестри и справување со недостатокот на работна сила преку системско планирање и следење на работната сила. Да се инвестира во висококвалитетни, акредитирани програми за образование на медицински сестри со цел да се подготват повеќе нови медицински сестри и да се унапреди развојот на кариерата за постоечките медицински сестри. Да се промовира и инвестира во култура на еднаквост која ја почитува сестринската професија како водечки придонесувач за висококвалитетен здравствен систем. И покрај критичната улога што ја имаат во здравствената заштита, во светот има недостиг од медицински сестри, кој се очекува да се зголеми со порастот на популацијата, што ја зголемува потребата за обучени медицински сестри во сите области на здравствената заштита.
РС Македонија е потребно да ги следи овие состојби и практикува што поголем број на едуцирани, специјализирани медицински сестри да бидат ангажирани во здравствениот ситем за што подобрa задравственa покриeност на своето население.
Во РС Македонија како и во другите земји се забележува тренд на намалување на бројот на медицински сестри.Според со Извештајот за кадар на Институтот за јавно здравје, во 2023 година во РС Македонија во здравствените организации има вработено вкупно 9203 медицински сестри, од кои со високо образование се 1771 медицинска сестра, со вишо образование се 187 медицински сестри, а со средна стручна подготовка се 7245 медицински сестри.
Медицинските сестри играат клучна улога во унапредувањето на здравјето, спречувањето на болести и обезбедувањето примарна здравствена грижа. Тие обезбедуваат нега во постапување при итни случаи и ќе бидат клучни за постигнување на универзална здравствена заштита. Со давањето приоритет на благосостојбата на медицинските сестри, ние осигуруваме дека тие можат да продолжат да обезбедуваат висококвалитетна нега што е од клучно значење за здравјето на нашите заедници.
Изразуваме голема почит кон медицинските сестри за нивното залагање и пожртвувана работа и грижа за здравјето на населението.
https://mk.wikipedia.org/wiki/
https://www.icn.ch/how-we-do-it/campaigns/international-nurses-day
Изготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести