- 29.10.2025
Светскиот ден за подигнување на свеста за мозочен удар – 29 октомври
Светски ден за подигнување на свеста за мозочен удар се одбележува секоја година на 29 октомври. Овој ден е воспоставен од Светската организација за мозочен удар (World Stroke Organization) со цел да се подигне свеста кај јавноста за причините, последиците, превенцијата и третманот на мозочниот удар.
Мозочниот удар е, акутно настаната животно загрозувачка состојба која се случува како последица на нарушено снабдување на мозокот со крв. Мозочниот удар е состојба на акутна исхемија на централниот нервен систем, која настанува поради прекин или редукција на интрацеребралната циркулација. Ова се должи на тромбоза, емболија или спазам, или крварење на артериски крвен сад, кој во крајна мерка доведува до намалување на циркулацијата на одредена регија во мозокот, а со тоа и оштетување на мозочното ткиво.
По својата природа постојат два вида мозочен удар – хеморагичен (мозочно крвавење) и исхемичен мозочен удар (мозочен инфаркт). Мозочното крвавење настанува поради прснување (руптура) на мозочен крвен сад, при нагло и прекумерно покачување на крвниот притисок.
Исто така, кај некои пациенти мозочното крвавење настанува и поради руптура на аневризма (проширување) на мозочен крвен сад,при што доаѓа до излевање на крвта во мозочното ткиво, и до нагло оштетување на дел од мозочните функции. Исхемичниот мозочен удар настанува поради затнување (оклузија) на крвен сад во мозокот, при што настанува таканаречен мозочен инфаркт. Имено, при оклузија доаѓа до престанување на циркулацијата во дел од мозокот, поради што настанува трајно oштетување на дел од мозокот-мозочен инфаркт.
  Дефицитот на крвоснабдувањето доведува до намалување на кислородот или другите нутриенти во мозокот и води кон изумирање на мозочните клетки. 
Некои луѓе може да имаат само привремена исхемија на мозочната циркулација и состојба која се нарекува транзиторна исхемична атака (ТИА), која за среќа не доведува до трајни невролошки оштетувања.
Деведесет проценти (90%) од мозочните удари се случуваат поради згрутчување на крвта,т.е. исхемични мозочни удари, настанати поради постоење на тромб во одреден дел од мозокот кој предизвикува изумирање на мозочното ткиво кое не може да преживее без кислород.
Знаци и симптоми на мозочен удар, се следниве:
· Отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија.
· Парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните.
· Проблеми со видот на едното или двете очи, редуциран вид или темни точки на едно или обете очи или двојно гледање.
· Главоболка – нагла силна главоболка која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или пореметена свест.
· Отежнато одење – атаксија, губиток на координација или нагла слабост.
Симптомите на мозочниот удар можат да се развиваат доста долго, па некогаш и со денови. Ако имате т.н. ,,мини-удар”, симптомите можат да бидат само привремени и вообичаено се повлекуваат за неколку часа. Во овој случај, луѓето можат да ги ,,препишат” укажувачките знаци на ударот, на стресот, мигрената или некакви проблеми со нервниот систем.
Било какви симптоми кои можеби укажуваат на мозочен удар, имаат итна потреба од консултирање со соодветно медицинско лице. Ако се реагира навремено, односно добиете соодветен третман неколку часа по ударот (медикаменти за растворање на создаденото згрутчување од крв), ќе овозможите (брзо) повторно нутритивната и оксигенирана крв повторно да стигне до мозокот. Брзата реакција значително ги зголемува шансите за целосно опоравување. Дополнително, го намалува степенот на инвалидитет кој често знае да се јави како резултат на ударот. Со ова не само што го спасувате животот, туку ги зголемувате и шансите за подобар квалитет на живот по евентуалниот удар.
Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај ,,БРЗО,,!
· Б лице – Паѓа ли едната страна на лицето ?
· Рака – Може ли да ги подигне двете раце?
· Збор – Дали зборува неразбирливо?
· Одма повикај 194!
Ризик-факторите кои доведуваат до мозочен удар се :
• Одредени заболувања или состојби (одредени срцеви заболувања, одредени нарушувања на еритроцитите, висок холестерол итн.
- Висок крвен притисок (хипертензија) – главен ризичен фактор за мозочен удар
· Дијабетес – поврзан со зголемен ризик за мозочен удар, особено ако не е контролиран
· Лош животен стил (нездрава исхрана, гојазност, пушење, физичка неактивност, прекумерна употреба на алкохол)
- Пушење – значително го зголемува ризикот од мозочен удар
- Прекумерна тежина и нездрав начин на живот – поврзани со атеросклероза, што води до мозочни удари
- Останати ризик фактори (генетска склоност, возраст над 55 години, женски пол, одредна националност) .Тука не треба да се занемари и мигрената како предзнак за ТИА или мозочен удар и нејзината поврзаност со ПФО или интракранијална аневризма – најчеста причина за хеморагичен мозочен удар кај младите луѓе. Секој поединец може да добие мозочен удар, но некои луѓе се во значително поголем ризик. Знаењето дека сте во одредена ризична група, може многу да ви помогне за да бидете повнимателни и правите почести превентивни прегледи на параметрите – липиден профил, крвен притисок,гликемија итн.
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус, невро-имиџнг методите од типот на компјутерска томографија и магнетна резонанца и доплер-сонографија на магистралните мозочни артерии на каротидните и вертебро-базиларните. Терапијата може да биде конзервативна или хируршка надополнета со физикална терапија со цел побрза рехабилитација.
Конзервативната терапија се состои во ординирање на лекови кои ја нормализираат густината на крвта.Доколку станува збор за хеморагични мозочни удари потребен е хируршки третман.
Кардиоваскуларните болести (КВБ) се водечка причина за смрт на глобално ниво, одземајќи околу 17,9 милиони животи секоја година. КВБ се група на нарушувања на срцето и крвните садови и вклучуваат коронарна срцева болест, цереброваскуларни болести, ревматски срцеви заболувања и други состојби. Кај нас, истражувањата велат дека речиси секој втор случај на смрт е од некое срцево заболување, вклучително тука и мозочниот удар.
Според истражувањето од 2014 година на Американскиот центар за контрола и превенција на заболувања, 80% од кардиоваскуларните болести, вклучително срцев и мозочен удар, можеле да бидат превенирани, односно спречени!
Мозочниот удар (или апоплексија) е сериозен здравствен проблем што има глобални и локални последици. Статистиките покажуваат дека тоа е една од најчестите причини за смртност и инвалидитет во светот. Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40 минута едно лице починува од истата причина. Повеќе од 15 милиони луѓе ширум светот годишно доживуваат мозочен удар.Околу 5 милиони од нив умираат како последица на мозочен удар,а 5 милиони преживеани страдаат од инвалидитет поради мозочниот удар.
Мозочен удар е најчест во нискоразвиените земји и земјите со ограничен пристап до здравствена грижа.Во развиените земји, стапката на смртност од мозочен удар е значително пониска благодарение на напредните методи за превенција, рано откривање и третман.
- Мозочен удар е почест кај мажи
- Жени имаат тенденција да доживеат мозочен удар во повозрасна возраст, што е поврзано со хормоналните промени во менопаузата
- Истовремено, мажите се изложени на ризик повеќе во помлада возраст (особено ако имаат фактори како висок крвен притисок, пушење и злоупотреба на алкохол).
Според Институтот за јавно здравје на РСМ, стапката на умрени лица во 2024 година од церебро-васкуларни болести изнесувала 121,6%,од кои 122,7 % биле мажи,а 120,5 % биле жени.Стапката на умрени лица од церебрален инфаркт за 2024 година изнесувала 110,2 %,од кои 110,2 % биле мажи,а 110,1% биле жени.Во просек, 3.000 луѓе годишно доживуваат мозочен удар во Македонија,30-40% од пациентите кои доживуваат мозочен удар ќе страдаат од последици како што се парализа, нарушен говор, проблеми со памтење или физичка инвалидност.
Превенција на најважните фактори на ризик во однесувањето, покажа дека го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Здравствените политики кои создаваат достапност на превентивни здравствени прегледи и едукација се од суштинско значење за мотивирање на луѓето да усвојат и одржуваат здраво однесување.
Превенцијата е клучна во борбата против мозочниот удар
· Контролирај го крвниот притисок
· Биди физички активен
· Храни се здраво
· Престани со пушење
· Провери ги шеќерот и холестеролот
Идентификувањето на оние со најголем ризик од кардиоваскуларни болести и обезбедувањето на соодветен третман може да спречи предвремена смрт. Пристапот до лекови за незаразни болести и основни здравствени технологии во сите примарни здравствени установи е од суштинско значење за да се осигура дека оние на кои им е потребно добиваат третман и советување.
Посебен акцент треба да се стави на физикалната терапија која има значајна активност во процесот на рехабилитација и намалување на степенот на инвалидност.
Превенцијата е многу значајна во успешното влијание со последиците од мозочниот удар. Навремено препознавање на некои симптоми и знаци (ТИА- Транзиторна Исхемична Атака, која претставува предвесник на мозочен удар или мини-удар), правилно лекување на хронични заболувања, редовно и навремено земање на пропишаната терапија, менување на стилот на живот, апстиненција од алкохол. , цигари и употреба на дроги имаат значајна улога во спречување на повторното појавување на мозочен удар.
Мозочниот удар претставува една од петте причини причини за смртност и инвалидност на глобално ниво. Навременото препознавање и лекување има големо значење во текот на времето на морбидитет, и морталитет на мозочниот удар. Мозочниот удар е глобален здравствен предизвик кој не избира возраст или пол. Но, со рано откривање, едукација, превенција и пристап до медицинска помош, можеме значително да ја намалиме неговата смртност и инвалидитет.
Секој може да влијае на своето здравје – започни денес со здрави навики!
Изготвил:Оддел за здравствена промоција и следење на болести
Литература
https://www.who.int/health-topics/cardiovascular-diseases#tab=tab_1,
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%BE%D0%B7%D0%BE%D1%87%D0%B5%D0%BD_%D1%83%D0%B4%D0%B0%D1%80
https://drmitov.mk/mozocen-udar/
https://www.mozocenudar.mk/prevencija.html
 
                        